detski kursevi

Детски курсеви

Курсевите за деца се одвиваат во два семестри во 34 недели, (17 недели по семестар) со фонд од 68 наставни часа од по 30 минути во семестар, кои се реализираат со интензитет двапати неделно по два наставни часа од 30 минути.

Јазични курсеви за деца од предучилишна возраст

Курсевите за предучилишна возраст се одвиваат во вид на едукативни и креативни работилници. Програмата за соодветната возраст и методолошкиот пристап преку слики, картички, постери, книги со лепенки, презентации со проектор и други визуелни средства ја стимулира асоцијативната зона кај децата и успешно ја поврзува когнитивната перцепција со германскиот вокабулар, изговор и фрази за дадената ситуација и лесно ги воведува во основите на јазичните структури.

Преку многубројните активности меѓу кои креативните работилници, изучувањето на песнички со соодветна кореографија, едукативните програми, аудио и видео материјалите, рачните творби и многу други активности се поттикнува индивидуалноста и креативноста кај децата, се истакнуваат и развиваат нивната оригиналност и форми на изразување.

Овој курс нуди одлична можност децата низ игра истовремено да го засакаат јазикот и преку континуираното изучување да ги развиваат интелектуалните и јазични способности.

Јазични курсеви за деца од училишна возраст

Курсевите за деца од училишна возраст се делат според возраста и степенот на предзнаење на јазикот.

Почетниот курс опфаќа воведна програма во јазикот со почетно описменување, која е успешна комбинација на забавно учење и почетно пишување и читање.

Секое наредно ниво е надградување на претходното. Наставните материјали содржат граматичка и вокабуларна прогресија за соодветната возраст претставена според најнова методологија за успешно активирање на интересот кон наставната содржина и на тој начин полесно совладување на истата.

* Двапати годишно Германскиот јазичен центар организира претстави или работилници од јавен карактер со цел промоција на усвоените јазични и креативни способности.